Алкалоид како фурија низ Велес - му даде 40 гола на Бисинов (ФОТО)

Освојувачот на Купот на Македонија, Алкалоид со убедлива победа се загреа за претстојниот старт на настапот во ЕХФ Европскиот куп.

На гостувањето кај Бисинов во Велес, тимот на Кирил Лазаров славеше со 40-22 за седма победа по ред од стартот на сезоната. Со тоа Алкалоид остана на челната позиција на табелата каде по ова коло може да биде осамен ако Охрид в недела загуби од Пелистер.

Денешниот меч во Велес не донесе никаква драматика. По десетина минути игра Алкалоид се одлепи на 7-2 по серијата од 4-0, а со уште една низа од пет гола во финишот од првото полувреме, поведе и со 16-8. Во вториот дел, разликата најчестко се движеше околу 10 гола, за во финишот Алкалоид повторно да нагази и со 8-2 во последните минути да дојде до убедливиот триумф.

Марко Митев со седум гола беше најефикасен во тимот на Алкалоид, Петковски постигна шест, а Серафимов пет. И кај Бисинов, првиот стрелец имаше седум гола - Ивица Илиев.