Откако попладнево се собра во својата база, македонската фудбалска репрезентација вечерва го одржа првиот тренинг пред двата октомвриски дуели во рамките на Лигата на нации, двата на гостински терен.

В четврток, нашиот национален тим гостува во Летонија, а три дена подоцна и кај најголемиот ривал за првото место Ерменија.

Најголем дел од фудбалерите денеска му се ставија на располагање на селекторот Благоја Милевски, а целта ќе бидат две победи или најмалку четири освоени бода кои би требало да бидат доволни за задржување на првата позиција на табелата во групата.

Планирано е репрезентацијата и утре да тренира во Скопје од 10 часот, а потоа да тргне на пат за Рига. Натпреварот против Летонија се игра во главниот град на оваа земја, на стадионот Сконто, в четврток од 18 часот.