Одамна не се пее „Хеј, Џуд“ на Бернабе: Белингам е без гол веќе пет месеци

Џуд Белингам беше најпријатно изненадување во тимот на Реал минатата сезона и можеби најзаслужен што мадридскиот тим триумфираше во шпанското првенство и Лигата на шампионите.

Иако играч од средниот ред, тој постигна 23 гола во сите натпреварувања и долго време беше најдобар стрелец во тимот за на крајот да заврши на второто место, со еден погодок помалку од Винисиус. Хит стана неговата прослава на головите со раширени раце, а при секој погодок на Бернабе, навивачите го пееја хитот од Битлс, „Хеј, Џуд“.

Оваа сезона почна сосема спротивно од минатата. Доаѓањето на Килијан Мбапе го намали влијанието на Белингам во нападот на Реал и тој се уште го чека првиот гол, сметајќи ги сите натпреварувања. Всушност, англискиот репрезентативец чека гол во дресот на Реал од 14 мај оваа година што значи дека веќе пет месеци не успеал да го најде патот противничка мрежа.

Точно е дека во меѓувреме имаше летна пауза и повреда на Белингам, но тој е без гол веќе 11 меча во сите натпреварувања (7 во Ла Лига), а минатата сезона најдолгиот пост му изнесуваше три натпревари.