Масев даде оставка: ФФМ е приватизирана од Сејдини и Ракиџиев!

Дека во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) меѓучовечките односи одамна не се како што треба потврдува и денешната оставка на спортскиот директор на репрезентацијата, Дени Масев.

Тој на виделина извади многу проблеми во Куќата на фудбалот, особено начинот на кој претседателот Муамед Сејдини ја приватизирал федерацијата.

„Жал ми што на ваков начин и пред почеток на подготовките на репрезентацијата се обраќам до јавноста, но веројатно за се треба да има почеток и крај. Од денеска веќе нема да бидам во функција на македонската репрезентација. Причините се длабоки, но се сведуваат на мојот однос со претседателот Сејдини и потпретседателот Ракиџиев.

Федерацијата се сведува на се, но најмалку на интересот за некаков развој на македонскиот фудбал. Јас како човек кој беше директен сведок и на најголемиот успех на репрезентацијата имам право да го кажам својот став. Жал ми е за тимот и фудбалерите, но едноставно понекогаш треба да се зборува отворено, па макар тоа да предизвика и негативна реакција.

Тврдам дека веќе подолг период федерацијата е буквално приватизирана. Интерсот е присутен само за првите двајца луѓе, претседателот Сејдини и неговиот заменик Ракиџиев. Во Управниот одбор има чесни луѓе, но за жал не се запознаени со работите кои носат интерес само за Сејдини и Ракиџиев.

За Сејдини и оваа Ќуќа на фудбалот, јас, лично се заложив на секој можен начин. Од работи поврзани со А репрезентацијата, моја базична обврска, па се до приходи за ФФМ остварени преку контакти со деловни луѓе и компании. Дури и влегов во отворен конфликт со блиски пријатели. Сметам дека сега е време да ги менуваме работите.

Со оглед на тоа дека пред нашите фудбалери и репрезентација се многу важни натпревари со Летонија и Ерменија, јас како Дени Масев нема во овој момент гласно да ги посочам големите проблеми и манипулации во федерацијата за која сум подготвен да ги обелоденам по двата споменати дуели од Лигата на нации. Во периодот кој следи еднаш засекогаш треба да се расчисти со милионските суми кои се трошат на се само не за доброто на фудбалот. Од фамозните трансакции до хотелот „Куќа на уметноста“, па се до т.н. инфраструктурни „проекти“ во Велес и Македонија, па се до вработувањата во федерацијата“, е коментарот на Масев.