УЕФА го осуди нападот врз претседателот на ФФМ!

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) го осуди нападот врз претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини на 27 септември додека си заминувал од познат скопски ресторан.

Маскирани лица го нападнале првиот човек на македонскиот фудбал на паркинг, а Сејдини поминал без посериозни повреди, по што пристигна осуда на инцидентот од УЕФА.

„УЕФА го осуди нападот врз претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини. Бараме локалните власти да извршат темелна истрага. Заедно со ФИФА, ќе го следиме процесот во Македонија со цел да утврдиме дека во работата на федерацијата нема никакво мешање и не се кршат правилата на УЕФА и ФИФА. Заедничка делегација на ФИФА и УЕФА наскоро ќе отпатува во Македонија за да се сретне со спортски и владини претставници, со што ќе се погрижи независноста на ФФМ да се одржи и почитува“, соопшти УЕФА.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно имаше потврда за инцидентот и објава дека се трага по сторителите.