Мијатовиќ ги лоцира проблемите на Реал: Премногу физикалија, нема креација

Поранешниот фудбалер на Реал, Предраг Мијатовиќ не е задоволен од играта на актуелниот европски шампион во новата сезона.

Реал синоќа беше поразен на гостувањето кај Лил во рамките на Лигата на шампионите што е прв неуспех за овој тим по речиси година и половина. Иако со тоа ништо не е загубено, Мијатовиќ смета дека мадридскиот гигант има голем проблем, пред во се во креацијата на играта.

„Реал мора да поправи многу работи. Во одбрана не е лош, а ни Лил не одигра ништо посебно. Искрено, најмногу ме загрижува средниот ред, премногу има тука физикалија, а малку креација. Чуамени, Камавинга и Валверде се мускулести, физички силни, но тврди со топката во нозе. Недостасува вистинскиот Лука Модриќ, сега го нема ни Тони Крос и овој среден ред не одговара на филозофијата на Реал“, смета Мијатовиќ.

До минатата сезона играта на Реал ја носеа Модриќ и Крос, но хрватскиот репрезентативец има веќе 39 години, додека Германецот ја заврши кариерата на крајот од минатата сезона.