Мега засилување за ТФТ: Мекиќ од Задар слета во Тафталиџе

По година и пол во странство, македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ се врати во домашната кошарка и се договори претстојната сезона да го носи дресот на ТФТ.

Последен пат во земјава тој играше за МЗТ Скопје од каде си замина пред крајот на 2022 година. Тогаш се пресели во романскиот прволигаш Темишвар, а потоа замина и во Задар со кој освои две шампионски титули и еден Куп на Хрватска. Со завршувањето на минатата сезона, истече и договорот, па Мекиќ како слободен играч си замина од редовите на Задар.

Со ТФТ потпиша отворен договор бидејќи приоритет му е заминувањето во странство и ако добие вистинска понуда ќе може веднаш да си замине. Претходните недели, интерес за него покажа тимот на Работнички, но Мекиќ не ја прифати понудата оттаму што и не е изненадување ако се знае ситуацијата во која се наоѓа клубот од Градски парк. Освен во МЗТ, 28-годишниот кошаркар во земјава настапуваше и за Вардар, МЗТ Скопје, Куманово, АВ Охрид и Пелистер.

ТФТ имаше исклучително интересен период меѓу двете сезони во кој доживеа големи промени и во структурите на клубот и во играчкиот кадар. Дојдоа тројца нови Американци од кои најзвучно засилување е поранешниот играч на Лимож и Нижњи Новгород, Дерин Говенс, а Мекиќ ќе им се придружи на младинскиот репрезентативец Тома Стојаноски и повратникот Иван Сапунџиев како уште едно домашно засилување во екипата.