Поранешен помошник на Пирло седна на „жешката“ клупа на Шкупи!

Македонскиот прволигаш Шкупи денеска го ангажираше турскиот тренер Алпарслан Ердем, кој доаѓа на „жешкото столче“ на екипата од Чаир по оставката на Матија Мирков.

Ердем има големо играчко искуство затоа што во кариерата го носеше дресот на Вердер Бремен, Галатасарај, Генчлербирлиги и други турски екипи.

Турскиот стратег во минатото му беше помошник и на Андреа Пирло во сезоната 2022/23 во Фатих Карагумрук, а соработуваше и со Франческо Фариоли во истиот клуб во сезоната 2021/22.

Шкупи потпиша двегодишен договор со турскиот тренер, кој ќе се обиде да го врати тимот од Чаир на победнички патеки по лошиот старт на сезоната.

Чаирчани по осум одиграни кола се наоѓаат на седмото место во Првата македонска фудбалска лига со само девет освоени бодови.