Гостивар подобар од Шкендија, реми без голови на Пелистер и Работнички

Денеска беа одиграни пет средби од 15 часот во Првата македонска фудбалска лига, при што триумф оствари само Гостивар против Шкендија од 3-1, додека останатите дуели завршија нерешено.

Ајдоган во 22. минута од натпреварот ја затресе мрежата на Шкендија, откако голманот на гостите згреши и им ја подари топката на противниците.

Симоновски на стартот на вториот дел повторно ја затресе мрежата на екипата од Тетово за 2-0, додека надежта на Шкендија ја врати Ибраими во завршницата од мечот.

Во судиското надополнување Гостивар доби пенал, по што Алдаир беше прецизен и го матира голманот на Шкендија за конечни 3-1.

Едмундсон погоди за предност на Шкупи од 24. минута, а радоста на чаирчани траеше сè до 81. минута кога Али погоди за 1-1.

По еден гол на двете страни беше постигнат и на мечот меѓу Воска и Струга (1-1), додека на дуелите меѓу Брера и Струмица, односно Пелистер и Работнички не беа постигнати голови.

Вечерва од 20 часот се игра големото дерби меѓу Вардар и Силекс на Националната арена „Тодор Проески“.