„Ако сакате помалку натпревари тогаш ќе мора да играте за многу помалку пари!“

Фудбалерите во последно време се жалат дека играат премногу натпревари и дека треба да имаат повеќе време за одмор, а Родри од Манчестер Сити дури и најави штрајк на што доби одговорот од легендарниот Луис Фиго.

Најавата на Родри дека фудбалерите треба да штрајкуваат поради зголемениот број на натпревари и најавеното продолжено траење на сезоната до средината на јули може сериозно да го потресе фудбалскиот свет, а тоа предизвика реакции.

„Ова е секогаш комплицирана тема за разговор. Играчите имаат договор со клубот и наше е да го најдеме најдоброто решение. Логично е да има се повеќе натпревари, едноставно тоа е ефект на снежна топка која се тркала по удолницата. Колку повеќе натпревари, толку се поголеми договорите. Ако се намали бројот на натпревари, мора да бидат помали и платите. Затоа е потребно да се создаде рамнотежа, но многу е тешко да се најде“, изјави Фиго.

Родри се пожали дека фудбалерите се гледаат како стока.

„Мислам дека сме блиску до штрајк. Лесно е да се разбере зошто. Прашајте кој било фудбалер, ќе ви го каже истото. Ако вака продолжи, ќе дојдеме до точка каде што едноставно нема да имаме избор. Ова е нешто што нѐ загрижува. Ова е премногу. Некој мора да се грижи и за нас, бидејќи ние сме главните ликови во овој спорт, наречете го и бизнис ако сакате. Не е сѐ во парите или маркетингот, има нешто и во квалитетот на играта“, изјави Родри.