Фудбалер во стилот на Роки го нокаутира судијата, ама – мечот не беше прекинат (ВИДЕО)

Екипите на Аче Јунајтед и Централ Сулавеси викендов одиграа четвртфинален натпревар од Купот на Индонезија, а мечот го привлече вниманието на светските медиуми, но не поради убавината на фудбалот туку поради големиот инцидент.

Судијата Еко Агус Сугихарто според очевидци донел многу одлуки во корист на домашните, меѓу другото на гостите им поделил три црвени картони. Во еден момент играч на Сулавеси доби удар во глава, но и тоа не беше доволно за пенал, додека за Аче беше досуден пенал кога нивниот фудбалер во 96. минута очигледно изглуми паѓање. Ова беше „капак“ на се, па фудбалер од гостинскиот тим не можеше повеќе да ја поднесе неправдата, па во стилот на Роки Балбоа буквално го нокаутира судијата кој трчаше.

Судијата падна, изгуби свест и многу брзо заврши во болница, а мечот го продолжи неговиот помошник. Аче не успеа да го реализира тој пенал, но не долго потоа доби уште еден за израмнување на 1-1. Продолженија немаше бидејќи револтираниот гостински тим го напушти мечот, а Аче автоматски се пласираше во полуфиналето. Челниците на индонезискиот фудбал порачаа дека ќе има детална истрага.