Манчестер јунајтед победи на Сент Мери, Рашфорд даде гол по пауза од 189 дена! (ВИДЕО)

Манчестер јунајтед со убедливи 3-0 победи на гостувањето кај Саутемптон, Маркус Рашфорд конечно им се врати на погодоците во Премиерлигата.

Работите веројатно ќе беа поинакви доколку Саутемптон дадеше гол од пенал во 33. минута, но ударот на Арчер го одбрани Онана.

Казната стигна многу брзо, само две минути подоцна по одличен центаршут на Бруно Фернандеш, Де Лихт со глава даде гол за водство на Манчестер јунајтед од 1-0. Деби погодок за Холанѓанецот.

Во 41. минута Рашфорд даде гол од далечина и го прекина долгиот пост зголемувајќи го водството на Јунајтед на 2-0.

Работите за Саутемптон станаа уште покомплицирани во 79. минута кога Стефенс заработи директен црвен картон и домашниот тим остана со фудбалер помалку.

Пред последниот судиски свиреж фудбалерите на Манчестер јунајтед изведоа уште една фантастична акција, Касемиро одлично го проигра Дало кој асистираше до Гарначо, а тој реализираше за конечни 3-0.