„Ние поискусните треба да ги повлечеме младите, Македонија утре мора да победи!“
Голманот на македонската репрезентација, Столе Димитриевски кажа дека е нормално поранешните репрезентативци да даваат свое мислење за играта на Македонија, но во моментов главна тема е дуелот против Ерменија и триумф на истиот.
„Нормално е поранешните колеги кои не се веќе тука да имаат свое мислење, јас како заменик капитен на репрезентација сум фокусиран и максимално спремен да го одработам натпреварот со нашиот утрешен противник. Најважно е утре да победиме за да имаме шанси за првото место, па потоа можеме да зборуваме на други теми. Ние поискусните треба да тргнеме и да го повлечеме возот за помладите да се качат. Како што кажав утре е најважен резултатот и Македонија треба да победи, тоа е во мислите на целата екипа“, кажа Димитриевски.
Дуелот меѓу Македонија и Ерменија се игра утре во Скопје од 20.45 часот.