Алкалоид го надигра Пелистер и го освои пехарот во Суперкупот
Двете екипи понудија израмнет ракомет на почетокот на средбата, па така по 15 минути игра резултатот беше 7-7, по што Алкалоид ги презема работите во свои раце и на паузата замина со пет гола предност (19-14).
Алкалоид направи неколку грешки на почетокот на вториот дел и му дозволи на Пелистер да намали на 19-21, меѓутоа избраниците на Кире Лазаров ја одржуваа предноста, иако битолчани се заканија неколку пати до крајот.
Драматично беше и во финишот од средбата, кога Пелистер намали на 27-29, но Алкалоид го издржа притисокот и славеше со 33-30.
Најефикасен на теренот беше Никола Костески со осум погодоци, додека Кузмановски запиша пет гола за Пелистер.