МЗТ нема да игра во Кина - организаторот му откажал!
Турнирот во кинескиот град Чонкинг требаше да биде подготовка пред почетокот на новата сезона, но организаторот го известил македонскиот тим дека не може да настапи на натпреварувањето.
„Неодамна, неочекувано, од организаторот добивме информација дека поради работи кои се надвор од нивна, а со тоа и од наша контрола, морале да ја ревидираат листата учесници и дека таа најверојатно ќе биде сведена само на тимови од нивната држава. Така барем ни беше кажано од нивна страна, со цел да се оправда прекршувањето на веќе потпишаниот договор“, соопшти МЗТ Скопје.
Новата сезона за екипата од Аеродром ќе почне на 24 септември, кога во СЦ „Јане Сандански“ доаѓа црногорски Теодо во АБА2-лигата.