Кадетите ја победија Италија и обезбедија опстанок во европската елита
Кадетите на Македонија во текот на целиот натпревар беа подобриот противник и на крајот заслужено стигнаа до триумфот. Италијанците имаа само едно водство во натпреварот и тоа почетното 1-0, од тој момент само уште неколку пати изедначија, но ниту еднаш не ја вратија предноста.
Македонија водеше во добар дел од првото полувреме, меѓутоа на пауза сепак заминавме со 11-11. Најголемата разлика со која водевме во првиот дел беше три гола.
Во вториот дел гледавме слична игра со тоа што Македонија констатно водеше со два-три гола разлика, а на крајот завршивме и со највисоките „плус четири“.
Со победата Македонија завршува на првата позиција во групата за разигрување од 17. до 24. место што ни гарантира дека нема да бидеме помеѓу последните три селекции кои одат во ранг подоле. Во нашата група од разигрувањето покрај Италија беа уште Грција и Украина.
Најефикасни во нашите редови беа Митев со шест гола и Крстевски со четири погодоци. До крајот Македонија ќе одигра уште два натпревари по кои ќе биде познат и нашиот конечен пласман на ова Европско првенство.