Поранешен кошаркар на МЗТ влезе во историјата на Олимписките игри!

Некогашниот крилен центар на МЗТ Скопје, Нуни Омот, денеска влезе во историјата на Летните олимписки игри (ЛОИ) како стрелец на првите поени на неговиот Јужен Судан на кошаркарскиот турнир, на кој оваа држава дебитира годинава во Париз.

Суданците претпладнево го играат првиот меч од групната фаза и тоа против Порторико, во кој поранешниот „металец“ прв се запиша во листата стрелци и тоа со два прецизни удари од линијата за слободни фрлања. Тој во 2019 година беше дел од тимот на македонскиот шампион, каде што не се задржа предолго, но каде што остави и тоа како добар впечаток. Потоа, меѓу другото, настапуваше во Џи-лигата во САД, во Франција, а минатата сезона ја одигра во Макаби Рамат Ган.

Јужен Судан, која е независна држава од 2011 година, блесна на ланскиот Мундобаскет во Индонезија, Филипини и Јапонија каде што беше најдобро пласирана селекција од Африка, што им донесе виза за ЛОИ. На олимпискиот турнир се во група уште со САД и со Србија.