Уругвај на пенали го „избрка“ Бразил на Копа Америка (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Уругвај се пласира во полуфиналето на Копа Америка, откако ноќеска направи големо изненадување елиминирајќи го фаворизираниот Бразил во меч во кој по регуларните 90 минути немаше голови, па беше решен по пенали.

„Кариоките“ дадоа сѐ од себе З да го решат мечот во регуларниот дел, но не успеаја во тоа иако од 74. минута играа со фудбалер повеќе по црвениот картон на Нахитан Нандез.

Селекторот на бразилската селекција, Дорувал Жуниор уфрли пет нови фудбалери во последните десет минути, но и покрај нивната свежина резултатот остана 0-0, па мораше да се шутираат удари од белата точка. Едер Милитао промаши пенал во првата, а Даглас Луис во третата серија, додека прецизни беа Андреас Переира и Габриел Мартинели. За Уругвај промаши само Хосе Хименез, а погодија Федерико Валверде, Родриго Бентакур, Хорхијан де Араскаета и Мануел Угарте.

Уругвајците за место во финалето ќе ги одмерат силите со Колумбија, која претходно ноќеска убедливо ја прегази Панама (5-0), додека во второто полуфинале ќе се сретнат Аргентина и Канада.