Аталанта ја наполни мрежата на Џенова, хет-трик на Ретеги против својот поранешен клуб! (ВИДЕО)

Аталанта славеше со убедливи 5-1 во пресметката со Џенова, Матео Ретеги дури три пати ја тресеше мрежата на својот поранешен клуб.

Матео Ретеги летоска добро ја наполни касата на Џенова откако за 22+3 милиони евра прејде во Аталанта, но напаѓачот вечерва немаше милост за својот поранешен клуб и забележа хет-трик.

Аргентинецот, кој има италијански пасош, го отвори резултатот во 24. минута на асистенција на Локман.

По пет минути игра во второто полувреме, Ретеги се најде на право место и една одбиена топка ја смести во мрежата на Џенова за 2-0. Во 59. минута Едерсон испука проектил од 16 метри за 3-0, а Ретеги во 74. минута од пенал го постигна својот трет погодок.

До крајот, Де Рон зголеми на 5-0, а Џенова преку Екатор стигна до почесен гол и конечни 5-1.