![](https://sport1.mk/files/styles/article/public/article/2024/06/10/228507-tripl-dabl-na-donchikj-no-boston-go-dobi-i-vtoriot-mech-video.jpg?itok=q02nSN2M)
Трипл-дабл на Дончиќ, но Бостон го доби и вториот меч! (ВИДЕО)
Бостон максимално ги искористи воведните два меча од финалето кои ги играше на домашен терен. Остварени се два триумфи и тимот од истокот е на половина пат до големиот трофеј.
Далас водеше во најголемиот дел од првото полувреме, но ја загуби предноста во средината на втората четвртина и на одмор Бостон замина со предност од 54-51.
Највисоката предност домаќините ја имаа во последниот период, беше 103-89, тогаш Далас почна да намалува, направи серија од 9-0, стигна до 103-98 за поинтересен финиш на мечот, но не успеа да направи луд пресврт. Конечниот резултат беше 105-98.
Лука Дончиќ кој беше неизвесен за мечот, одигра повеќе од 42 минути за кои постигна 32 поени, имаше 11 скокови и 11 асистенции. Ирвинг беше на половина од поентерскиот учинок на Словенецот, постигна 16 поени.
Најдобар во составот на Бостон беше Холидеј со 26 поени, имаше и 11 скокови, Браун реализираше 21 поен, а Тејтум 18 поени и 12 асистенции.
Финалната серија сега се сели во Далас каде се играат наредните два меча.