Чави збесна по новиот кикс на Барса: Оваа неефикасност не е нормална!
Тренерот Чави Ернандез изјави дека неефикасноста е најголемиот проблем на неговиот клуб оваа сезона, пренесуваат шпанските медиуми.
„Повторно нè мачи истото како минатата недела, а тоа е недостаток на ефикасност. Подаривме два бода. Создадовме доволно шанси за победа, а на крајот освоивме само бод и не сме задоволни. Ова ни беше како финале, поради што бод не е доволен, но ќе бидеме подобри - изјави Чави.
Барселона сега е на третото место на табелата во Ла Лига со 35 бодови, шест помалку во однос на лидерот Жирона, кој има и натпревар помалку.
„Овој недостаток на ефикасност не е нормален, мислам дека е поголем проблем од недостатокот на енергија во одбраната. Време е да бидеме критични кон себе. Жирона, Гранада, Мајорка, неефикасноста е најдобриот опис на нашата сезона досега. Сепак, што се однесува до самата игра, ние сме на добар пат. Соблекувалната е вознемирена и разочарана како што сум и јас, бидејќи одигравме добар натпревар, доволно добар за да победиме, но не успеавме – дополни тренерот на тимот од „Камп Ноу“.
Барса во следното коло од Ла Лига ќе ја пречека Алмерија.