Меси постави нов рекорд, Аргентина на милиметри од пласман на Светското првенство (ВИДЕО)

Актуелниот светски шампион Аргентина не се намачи многу против аутсајдерот Перу, но го испрати со само еден гол во мрежата.

На домашен терен, „гаучосите“ славеа со 1-0 и сега им треба само уште една победа за официјално да го потврди пласманот на следниот Мундијал иако е јасно дека дури и да ги загуби сите натпревари до крајот на квалификациите, сепак ќе ја брани титулата за две години.

Единствениот гол ноќеска беше дел на Лаутаро Мартинез кој со тоа ја круниса најдобрата година на личен план во репрезентацијата, година во која постигна 11 гола за националниот тим и беше прв стрелец на Копа Америка. Во 55. минута. напаѓачот на Интер погоди на додавање на Лионел Меси кој притоа стигна до 58. асистенција во репрезентативниот дрес и со тоа постави нов светски рекорд, надминувајќи го Лендон Донован.

Аргентина сега има 25 бода, 12 повеќе од седмопласираната Боливија, на шест кола пред крајот на квалификациите.

РЕЗУЛТАТИ
Боливија - Парагвај 2-2
Колумбија - Еквадор 0-1
Аргентина - Перу 1-0
Чиле - Венецуела 4-2
Бразил - Уругвај 1-1
ТАБЕЛА: Аргентина 25 бода, Уругвај 20, Еквадор 19, Колумбија 19, Бразил 18, Парагвај 17, Боливија 13, Венецуела 12, Чиле 9, Перу 7.