„Со исклучок на Англија и Грузија, овие две години Македонија доминира“

Со натпреварот против Англија, на 20 ноември, ќе истече договорот на Благоја Милевски како селектор на македонската фудбалска репрезентација. Ќе остане ФФМ да донесе одлука дали ќе продолжи со него или, пак, ќе ангажира некој нов. 

Актуелниот предводник смета дека натпреварите со Италија и со Англија нема да бидат пресудни за неговата судбина и дека тој веќе се докажал. Без разлика на тоа, изрази задоволство од досегашната соработка со Федерацијата.

„Дали би прифатил продолжување на договорот за селектор? Сакам да изразам задоволство од досегашната соработка со ФФМ, се што сум побарал од нив досега ми овозможиле. Задоволство ми е што работам со овие момци, овие фудбалери кои ги имам. Понатаму што ќе следува ќе видиме. Сега целиот фокус ми е на натпреварите на Македонија против Англија и Италија. Дали ќе зависи мојата иднина од овие мечеви? Досега Милевски се докажал многу пати и мислам дека нема да влијаат овие два меча на одлуката“, рече Милевски на денешната прес-конференција.

Toj ја презеде Македонија на 1 август 2021 година и оттогаш ја водеше на 25 меча, остварувајќи 10 победи и 9 порази со гол-разлика 36-36. Сепак, колку и да изгледа избалансирано нашиот ефект, Милевски вели дека Македонија доминирала во многу од натпреварите во овие две години.

„Задоволен сум од играта на Македонија во овие две години. Со исклучок на мечевите со Англија и дома со Грузија, доминиравме во сите мечеви, покажавме идеја, намера да дадеме гол, да создаваме шанси, но некогаш ќе ве посака, некогаш нема да ве посака. Некогаш реализацијата ќе биде некогаш добра, некогаш не. Но ме радува како изгледа Македонија. Создаваме ден млад тим кој во изминатите четири меча покажа дека има капацитет да се надигрува и со селекции како Италија и Украина“, додаде селекторот.