Зарко со сензационални последни четири круга триумфира во Австралија!

Французинот Јохан Зарко дојде до првата победа во Мото ГП-шампионатот, откако утринава славеше на трката за Големата награда за Австралија која се возеше еден ден порано поради најавените силни ветрови во текот на утрешниот ден.

Тој на моторот на Дукати стигна до првото место на „Филип Ајленд“ поради фантастично извозени последни километри, со оглед што во последните четири кругови направи три претекнувања вклучително и тимскиот колега Хорхе Мартин на последната кривина.

Мартин беше прв по првите 26 круга, но ризикуваше да вози со мека задна гума, па на крајот загуби доста. Тој тргна од пол позицијата, но на крајот заврши дури на петтото место. Второто место го освои Банаја, а тројката ја пополни Ди Џанантонио, кој првпат е на подиумот во најбрзата класа. Четврти заврши Биндер, шестото место му припадна на Марко Безеки, а во топ 10 влегоа уште локалниот миленик Џек Милер, потоа Еспаргаро, Алекс Маркез и Бастианини.