Ѝ даде три гола на Македонија и кариерата му - пропадна!

Дека ни во Англија не се гаранција за добра кариера квалитетните игри во младинските репрезентации, најдобар доказ е Стивен Вокер.

Малкумина имаат слушнато за него бидејќи сега настапува во деветти ранг на натпреварување во англиските лиги иако пред неколку бил англиски репрезентативец во тимот до 19 години. Дури, во дуелот меѓу У19 репрезентациите на Македонија во 2018 година постигна хет-трик во победата од 6-2, на мечот во спортскиот центар Сент Џорџис Парк. Мечот се одигра на 16 октомври 2018 година, а Вокер блескаше против тогашните македонски младински фудбалери.

Пет години подоцна, Вокер речиси го нема на фудбалската мапа за разлика од, на пример, Букајо Сака кој бил во истиот тим, а сега е една од најголемимте англиски фудбалски ѕвезди и исто така може да се пофали со хет-трик против Македонија, но во сениорска конкуренција. Вокер има 17 настапи за младинските селекции на Англија и одличен ефект од 9 гола, но ни тоа не било доволно за да игра барем во некоја од професионалните лиги.

Потекнува од фудбалската школа на Мидлсброу, но за сениорскиот тим на овој клуб одиграл само седум натпревари. Во 2019 година играл за МК Донс, потоа за Кру, па пак по истиот редослед за овие два клуба, во 2021 година се преселил во Транмере, а од оваа сезона е член на Вест Окленд Таун кој се натпреварува во т.н. Sunday league.

Засега може само да се сеќава само на моментите како тие против Македонија во 2018 година, но не се ретки случаите во англискиот фудбал кога играчите на повозрасни години успеваат некако да се пробијат во најсилните лиги и, сепак, да направат блескави кариери. Најдобар пример за тоа е Џејми Варди кој исто така на 23-годишна возраст играл во деветтата лига, а седум години подоцна беше прогласен за играч на годината во Премиер лигата.