Работнички засилен со Гечевски ќе брка групна фаза во ФИБА Еврокупот!

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, екипата на Работнички, на денешната прес-конференција, меѓу другото и официјално го промовира Тодор Гечевски во нов спортски директор на екипата и тоа во пресрет на квалификацискиот турнир во ФИБА Еврокупот, на кој овој тим е организатор во Скопје.

Центарци заедно со Рапид Букурешт, Донар Гронинген и Сабах од Азербејџан ќе бидат битки во периодот помеѓу 2 и 5 октомври и тоа во СРЦ „Кале“, а пласман во групната фаза ќе обезбеди само првопласираната екипа.

„По неколкугодишна пауза, тимот од Центар пак ќе игра во Европа и тоа во квалификациите за ФИБА Еврокуп, но со ново засилување. Тодор Гечевски се враќа каде што ја заврши кариерата и тоа како нов спортски директор на Работнички. Ова засилување верувам дека ќе донесе нова свежина и победи на домашната и меѓународна сцена. Се надевам дека Црвено-белите повторно ќе го вратат некогашниот сјај и ќе се вратат на победничките патеки“, изјави Гоце Герасимовски, градоначалникот на општина Центар, која е стоотстотен сопственик на клубот од „Градски парк“.

Легендарниот Гечевски истакна дека тимот е добро подготвен и за сериозни успеси, потенцирајќи дека очекува и победа на квалификацискиот турнир.

„Сезонава имаме посериозна екипа со неколку нови засилувања. Домашниот терен и квалитетот со кој располагаме ни дава за право да се надеваме на прво место во претстојните квалификации, иако постои можност и како второпласирани во групата, да продолжиме понатаму. Екипата е направена порано за да има време за воигрување. Четириесетина дена сме во тренажен процес. Размислуваме за сериозни успеси и верувам дека со нашите навивачи можеме да го постигнеме тоа. “, изјави Гечевски на денешната прес-конференција.

Работнички сезоната официјално ќе ја почне вечерва и тоа со мечот од воведното коло од Првата лига и тоа на домашен терен против ТФТ (18 часот).