Македонската кошарка тоне ли тоне – (про)паднавме за шест места на ФИБА-листата!

Лошиот настап во претквалификациите за Олимписките игри в година во Париз, но и добрите настапи на дел од конкурентите со слични квалитети, се причините поради кои кошаркарската репрезентација на Македонија падна шест места на листата на ФИБА.

Жолто-црвените летово настапија на турнир во Талин, каде што претрпеа три убедливи порази од Естонија, Израел и Чешка и ниту од далеку не се доближија до позицијата што водеше во вториот круг, а камо ли од местото кое носеше во олимписките квалификации. Македонските кошаркари сега се на 59. позиција во светот, но што е уште полошо што се меѓу 20-те селекции со најголем пад на листата во однос на нејзиното претходно издание и тоа од вкупно 159 рангирани репрезентации.

Избраниците на селекторот Александар Јончевски, пак, паднаа една позиција во конкуренција на европските селекции, па сега се на 30. позиција од вкупно 47 рангирани национални тимови, што е ужасен резултат за репрезентација која во 2011 година беше – четврта во Европа. Нашите момци првата шанса за подобрување на рејтингот ќе ја имаат во квалификациите за ЕП 2021, која и нема да им биде така лесна, бидејќи се во тешка група заедно со Литванија, Естонија и Полска, која игра вон конкуренција бидејќи е еден од домаќините. Ова значи дека македонските кошаркари ќе треба да се борат со литванските и естонските ривали за едно од двете преостанати места кои водат на континенталниот собир.

Американците по ова рангирање повторно се најдобри на светот, прескокнувајќи ја Шпанија, додека третопласирана селекција е новиот светкси првак Германија, која забележа скок од осум позиции. Најголем напредок, сепак, направи репрезентацијата на Летонија, која со пласманот во четврт-финалето на СП 2023 направи исчекор од дури 22 позиции и сега е осма светска велесила.