„Македонија само со најсилен состав може да се надева на место во квалификациите!“

Македонската кошаркарска репрезентација ги доби противниците во втората рунда од претквалификациите за Евробаскет 2029, а селекторот Жозеп Марија Берокал смета дека „црвено-жолтите“ ги очекува сериозен предизвик во групата со Австрија и Кипар.

Жолто-црвените беа сместена во групата Ф, во која ќе се бори за пласман во следната квалификациска фаза, а шпанскиот стратег порача дека клучно ќе биде репрезентацијата да биде максимално подготвена и комплетна.

„Ја започнуваме втората рунда од претквалификациите за ЕП веќе во месец август. Австрија и Кипар се добри репрезентации, доаѓаат од квалификациите за СП 2027и ќе видиме што ќе ни донесат овие натпревари. Имаме шест недели до почетокот на подготовките, кои ќе бидат многу важни за нас, затоа што нè очекуваат тешки натпревари, а стартуваме со гостување во Австрија“, изјави Берокал.

Селекторот истакна дека негов најголем приоритет е на подготовките да ги има на располагање сите репрезентативци, за Македонија во квалификациите да настапи во најсилен можен состав.

„Најважно ми е да ги имаме сите играчи на располагање, добро да се подготвиме и се надевам дека сите ќе можат да се јават на повикот. Желбата ми е да играме во најсилниот ростер. Се надевам дека во август ќе го имаме најдобриот можен тим за дуелот со Австрија и успешно ќе ја започнеме оваа квалификациска рунда“, додаде шпанскиот стручњак.

Македонија ќе биде слободна во првото коло од групата, кога силите ќе ги одмерат Кипар и Австрија, а својот настап во претквалификациите ќе го отвори во второто коло (31 август) со гостување кај австриската репрезентација.