Една од најдобрите македонски кошаркарки во историјата замина во – пензија!

Македонската женска кошарка од денеска и официјално останува посиромашна за Јелена Антиќ, една од најдобрите што го заиграле овој спорт кај нас во историјата, која реши да стави крај на играчката кариера без разлика што има само 32 години.

Неколкуте тешки повреди ја спречија да направи кариера за каква што имаше потенцијал, иако зад неа остануваат импресивни партии не само во дресот на Македонија туку за повеќе европски екипи со завидно реноме. Кариерата ја почна во екипата на Младинец, за рано да се пресели во САД каде што настапуваше прво за екипата на средното училиште „Либерти Академија“, а потоа и за Универзитетот Ливерти флејмс.

По враќањето од „преку барата“ европското сениорско деби го имаше во дресот на Партизан, каде што мина три сезони, за потоа да настапува за тимови како Радивоје Кораќ (Србија), Макаби Ашдод (Израел), ЦСУ Алба (Романија), Лулеа Баскет (Шведска), Висла Краков како и за нашиот Баскет Кам. Зад себе има три шампионски пехари, исто толку трофеи во Купот на Србија и во женската АБА-лига, сите освоени во дресот на Партизан. Скоро 15-тина години е незаменлива во дресот на македонската репрезентација.

Таа кариерата речиси сигурно ќе ја продолжи како тренер, професија која веќе ја искуси и на клупско и на репрезентативно ниво додека се опоравуваше од тешката повреда.