УЕФА ѝ го одзема финалето во Конференциска лига на Атина поради убиството на навивач?

Европската фудбалска унија (УЕФА) е сериозно загрижена за безбедноста за играње фудбалски мечеви од највисок ранг во Атина после убиството на навивач на АЕК пред мечот со Динамо Загреб кој беше одложен минатата недела, па поради тоа постојат и размислиувања да се одземе организацијата на мајското финале во Конференциската лига, кое треба да се игра на новиот стадион на АЕК.

УЕФА засега нема да избрзува со никакви одлуки за одземање на организацијата, но е сериозно загрижена за безбедноста, зашто првичните информации дека хаосот меѓу хулиганите на Динамо Загреб засилени со припадници од Панатинаикос против навивачите на АЕК бил случаен и спонтан се покажале како неточни, откако излегле видеа во кои вушност пресметката била закажана.

Првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин неделава ќе дојде во грчката престолнина на состанок со премиерот Киријакос Мицотакис, како и со четирите најголеми клубови со најголеми армии на навивачи – Олимпијакос, АЕК, Панатинаикос и ПАОК. УЕФА ќе бара гаранции, но исто така и детални информации за сите случувања пред да преземе било какви други чекори од казни, па се до можно одземање на организацијата.

Грција веќе долги години има сериозни проблеми со безбедноста на мечевите, а годинава дури и полицијата одбиваше да го обезбедува финалето на Купот, поради стравувања од екстремно насилство во кое полициските служби секако страдаат.

Инаку после убиството и преку стотината уапсени, навивачите на Динамо по сослушувањето се во истражен затвор, но последните информации се дека убиството го извршил навивач на Панатинаикос. Сепак, сето тоа ќе треба да биде докажано.

Инаку финалето во Конференциската лига е предвидено за 29 мај на новиот стадион на АЕК.