
Вардар и Комити ја растураат приватната забава на Воска, Гостивар и Пелистер навиваат за охриѓани!
Вардар по два меча без победа со три бода заостаток од Воска доаѓа во Охрид по нов триумф, а црвенo-црните се решени да ја расипат приватната забава на амбициозните охриѓани, во најава со тотална инвазија и на Комити кои ако ништо друго ќе навиваат од пред стадион, откако домаќините се решија на најнефудбалскиот и најнепопуларен потег – да ги затворат капиите на стадионот.
Иако фудбалот се игра за публика, Воска се исплаши од најголемиот гигант и моќната навивачка група, но на избраниците на Бобан Грнчаров е денеска да им ги расипат плановите, макар песната на Комити и од подалеку да ја слушаат како ветер во грб кон остварување на целта. Победи ли Вардар ќе го преземе лидерското место, ќе има подобар меѓусебен скор со Воска која ја победи и есеноска во Скопје и ќе прегрми едно тешко гостување, по што во следните пет кола ќе ги чека само уште еден тежок дуел со Пелистер дома и пет триумфи ќе им осигура директно враќање во Првата лига.
Успее ли Воска да победи, практично охриѓани ќе зачекорат кон Првата лига, ќе имаат шест бода пред Вардар, најмалку би имале четири пред Гостивар кој е голем фаворит дома да го победи Кожув, а самиот факт дека освен ривалите од четворката за Прва лига, охриѓани на другите мечеви се без конкуренција, само прашање на време ќе биде кога и ќе го официјализираат историскиот пласман во домашната елита.
И за триумф на Воска денеска ќе навиваат Гостивар и Пелистер. Гостивар за да го прескокне Вардар и да дојде на позиција за директен пласман, иако и реми би им одговарало од Огрид на гостиварци, а Пелистер за да се приближи на три бода од црвено-црните и да добие шанса потоа во „ел класико“ да се бори за победа која би им донела барем бараж за место во најсилното домашно натпреварување. Но, прво и Гостивар ќе треба да го победи Кожув, ама и Пелистер да помине триумфално на незгодното гостување кај струмичка Беласица.
Тетекс гостува во Виница во можеби последната шанса во битката за спас, а Каменица Саса е домаќин на Охрид, па после оваа рунда веројатно сѐ ќе биде поизвесно кој ќе ја напушта второлигашката конкуренција, особено ако Локомотива го победи и Детонит и избега како последна од сигурната зона во пресрет на самата завршница на сезоната.
ВТОРА ЛИГА, 25. КОЛО
Беласица – Пелистер
Беса – Арсими
Караорман – Борец
Гостивар – Кожув
Локомотива П. - Детонит Плачковица
Каменица Саса – Охрид
Слога Виница – Тетекс
Воска Спорт – Вардар
ТАБЕЛА: Воиска 59 бода, Вардар 56, Гостивар 55, Пелистер 50, Детонит П. 41, Арсими 36, Беса 36, Охрид 34, Беласица 32, Караорман 31, Кожув 30, Локомотива П. 21, К. Саса 18, Слога В. 17, Тетекс 15, Борец 2.