
Вечните ривали имаат нова битка, во Битола може да биде „решен“ шампионот!
Денешното дерби може да го даде одговорот на прашањето кој ќе ја освои титулата оваа сезона.
Ако Пелистер победи, ќе направи доволна разлика на врвот за да не му биде важен исходот од реваншот кој ќе се игра во Скопје, под претпоставка дека ќе ги добие сите други дуели.
Поради тоа што завршија први во регуларниот дел од сезоната, пелистерци пренесоа бод повеќе во плеј-оф фазата, а Вардар ако сака да ја надополни таа негатива, вечерва не смее да загуби.
Со победа Вардар ќе го прескокне Пелистер на табелата, но црвено-црните може да бидат задоволни и со евентуално реми, во таков случај на свој терен ќе бркаат триумф над битолчани за враќање на тронот.
Во регуларниот дел од сезоната, мечот во Битола го доби Пелистер со 35-33, а во Скопје победи Вардар со 27-24.
На гостувањето во Битола најавено е и присуство на навивачката група „Комити“ со што ќе треба да се даде дополнителен шмек на жешката атмосфера која несомнено ќе ја има во салата.