Хари одново ги пеплоса своите: Мегваер - Манчестер јунајтед 1-0! (ВИДЕО)

Едвај се загреаја фудбалерите на Севиља и на Манчестер јунајтед во четвртфиналниот реванш од Лига Европа, кога Хари Мегваер повторно стапи на сцена со катастрофален потег, нелогичен за професионален фудбалер во една од најдобрите лиги во светот, поради што „Црвените ѓаволи“ уште рано губеа со 0-1 во Андалусија.

Се играше осмата минута, кога една рутинска ситуација во половината на Манчестер самиот Мегваер почна да ја усложнува додавајќи му назад на Давид Де Хеа. Фудбалерите на Севиља со агресивен трк направија пресинг врз голманот, а Мегваер самиот побара додавање, за да му олесни, божем. Арно ама, кога ја доби топката и тој се најде меѓу тројца фудбалери на Севиља и, иако имаше чист простор зад грбот, кон половината на противниците, тој реши да му додаде на затворениот Ванбисака. 

Додавањето беше блокирано, Ен Несири прифати и лесно го совлада Де Хеа.