![](https://sport1.mk/files/styles/article/public/article/2023/04/05/197998-kup-na-makedonija-istorija-za-struga-shesto-finale-za-shkendija-ili-lanska-repriza.jpg?itok=jsfULdnZ)
Куп на Македонија: Историја за Струга, шесто финале за Шкендија или – ланска реприза
Сезонското изненадување во Првата лига, Струга ТЛ која чекори и кон прва шампионска титула, третпат по ред e полуфиналист на Купот на Македонија, но еднаш немаше шанса да се бори за трофејот, во 2020 година поради пандемијата на ковид-19 која штотуку избувна, па се прекина сезоната и не се доигра завршницата во битката за пехарот, па во следните две полуфиналиња, стружани испаѓаа од идните победници.
Во 2021 година Силекс, денешмниот ривал, ги победи со 1-0 со гол на Ристе Каракамишев на девет минути пред крајот на мечот, а лани Македонија ЃП на пенали ги спречи да дојдат до финале. Сега Струга има „трета среќа“ за историско прво финале, иако кратовци сезонава покажаа дека се далеку од лесен залак и нема да се предадат до последна минута за да обезбедат шесто финале и да се борат за четвртиот трофеј во својата историја.
Силекс има две финалиња, освоеното на пенали со Академија Пандев пред две години и ланското загубено на пенали од Македонија ЃП, па денеска може да се случи и реприза на ласнкото финале, ако „лавовите“ успеат да го освојат Тетово, но пред себе ќе имаат тешка задача зашто под Шара не победиле од годината кога го освоија првиот куп-трофеј, 2006 година.
На хартија Шкендија е фаворит, традицијата е на страна на црвено-црните со осум победи во последните десет меча и без пораз, но денеска се игра еден меч, а може да решаваат и пеналите во кои барем досега „лавовите“ имаат една предност во фантастичниот млад голман Христијан Стевковски, кој лани беше јунакот за трофејот во националниот куп.
Шкендија од 2018 година нема финале во Купот, кога последен пат го освои, а ќе се бори за шестото финале, петто во последната деценија. Македонија ЃП, пак, атакува на петтото финале, а трето во последните пет сезони.
Кој и да влезе во финале, а на крај и да го освои пехарот по оваа сезона, Вардар ќе остане сигурно најтрофеен и во Купот на Македонија со пет трофеи, иако црвено-црните не биле ни близу до борба за трофејот веќе 16 години, од 2007 година кога последен пат го освоија.