„Адеми сакаше да се прости од Динамо кога е на врвот и финансиски да се осигура!“

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми утре ќе се збогува од Динамо Загреб, после 13 години минати во дресот на „модрите“, чиј капитен и лидер беше, а заминува како рекордер по освоени трофеи, рекордер по европски настапи и втор со најмногу мечеви за хрватскиот великан.

Динамо и навивачите „Бед Блу Бојс“ му подготвуваат спектакуларен проштален меч на својот капитен, кој даде сѐ за клубот, чија икона е и меѓу неколкумината најголеми играчи кои го носеле дресот на загрепчани. Во 2010 година дојде од Шибеник, а ниту двегодишната суспензија за допинг во периодот од 2015 до 2017 година, не го спречија бескомпромисниот борец да игра на највисоко ниво.

„Ќе мора да се навикнеме на ера без Адеми. Аријан е посебна тема, за него е проштален меч, а тој своите 13 години ги даде на Динамо. И Динамо му даде многу, сетете се на допинг-аферата, од која фала богу излезе чист. Негова желба беше финансиски да ја осигура иднината на семејството со ова заминување, па сакаше од Динамо да се прости кога е на највисоко ниво. А, Адеми е пример за секој од прв до последен во соблекувалната. Јас му благодарам за сѐ, зашто тој во сите сегменти од фудбалски до човечки заслужува да се направиме сѐ ова збогување да му остане во најдобро сеќавање“, рече тренерот Анте Чачиќ.

Динамо утре на „Максимир“ го игра дербито со Риека, меч на кој триумфот е императив за да се остане на комотната дистанца од Хајдук во трката за титулата. Адеми веќе потпиша договор со кинески Пекинг Гуан на три години, а од трансферот Динамо ќе заработи еден милион евра, додека Адеми ќе има најголем договор според кинеските пропозиции, од 1,65 милиони евра годишнио.

„Тешко ми е ова заминување на Аријан, зашто како многу млад фудбалер дојде во Динамо, ги туркавме него и Брозовиќ и сега се будат убави спомени од тие почетоци, а има уште многу такви преубави спомени, особено од минатите години. Останува сега една човечка празнина во која некој ќе мора да ја преземе, од некои од постарите од Мишиќ, Ливаковиќ, Петковиќ, Ристовски, а и има некои од младите како Батурина“, додаде Чачиќ.