МЗТ Скопје пред невозможна мисија во Белград – против Партизан!
Аеродромци се во лоша серија во регионалното натпреварување со оглед што ги загубија последните шест меча, кои придонесоа да се последни на табелата со учинок 2-12. Избраниците на тренерот Драган Николиќ се свесни дека пред нив е невозможна мисија, иако пред десетина години сино-белите знаеја да изненадат во Белград. МЗТ Скопје во 2014 година го изненади Партизан на негов терен, додека останатите пет средби во српската престолнина ги добија црно-белите.
„Играме против уште еден евролигаш, кој сезонава е непобедлив на домашен терен во АБА и кој исто како и нашиот претходен ривал има сериозни амбиции да влезе во плејофот на Евролигата и да ја освои титулата во регионот. Згора на тоа, формата на Партизан е во нагорна линија, што најдобро можеше да се види на неколкуте последни средби на домашен терен против Цибона, Задар и Монако, кои црно-белите ги добија убедливо. Според ова, јасно е дека нѐ чека уште еден исклучително тежок дуел против еден од најдобрите европски тимови предводен од најтрофејниот тренер во историјата. Изминатата недела ја искористивме добро да истренираме, а се засиливме со Кеандре Кук и со Абдул-Малик Абу, кои верувам добро ќе се вклопат и ќе дадат свој придонес кон остварување на заедничката цел, а тоа е опстанок во АБА“, изјави тренерот Николиќ.
Средбата ќе биде пренесувана на МТВ-3 и на регионалната Арена спорт телевизија.