Миовски: Цел ми е да бидам „златна копачка“ во Шкотска!

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски викендов со нови два гола за Абердин во победата со 4-1 против Килманрок дојде до седум гола во осум настапи за славниот шкотски клуб во елитното друштво, па моментно е втор најдобар стрелец во Премиершип.

Миовски третпат откако летово дојде во Абердин дава по два гола на меч, а претходниот пат имаше шанса за хет-трик, но се откажа од такво нешто, па пеналот му го даде да го шутира негов соиграч, а и во саботата имал уште низа шанси за прв хет-трик во кариерата.

Македонскиот репрезентативец сега јасно ја постави целта – сака да биде „златна копачка“ во Шкотска. Седум гола има Кијого Фурухаши, Јапонецот од Селтик, а прв стрелец со осум гола е Хрватот Антонио Чолак од Глазгов Ренџерс.

„Моја цел е да бидам најдобар стрелец во Шкотска и тоа е сон на секој напаѓач. Кога давам гол(ови) тоа ме турка напред, а кога ќе видам дека и другите дале гол(ови) го сакам и јас истото за да завршам прв. Јас знаев дека ќе дадам многу голови ако дојдам во Абердин, ми се допаѓа стилот на игра, кој уште на почеток кога ми беше презентиран, беше дека ќе играме офанзивно со многу напади. Имам одлична соработка и однос со соиграчите и се надевам така ќе остане“, рече Миовски.

Тој многу брзо ги освои срцата на навивачите на шкотскиот великан, па тие веќе извадија македонско знаме на трибините, а и направија песна за Миовски.

„Уживам во односот со навивачите, тие ме туркаат, ми даваат огромна мотивација за да дадам сѐ на теренот. Се надевам на уште голови за овој тим. Убаво е да дадете седум гола, а јас се надевам дека вака ќе продолжам. Сакав да дадам хет-трик, имав шанси, но и многу патував и тие 60-65 минути беа перфектни за мене, зашто не сакав да ризикувам да се повредам“, додаде Миовски.