Војдан: Одиме чекор по чекор, во кошарката нема лесни противници!
Македонија денеска ги дозна противниците за втората фаза од квалификациите за ЕП 2029, ќе играме против Австрија и Кипар, а првиот од групата ќе продолжи во главните квалификации.
Војдан Стојановски смета дека имаме добра група, но не смееме да потценме никој.
„Би рекол дека, пред сè, најважно е да бидеме сите здрави, а уште поважно е да бидеме комплетни. Селекторот да ги има на располагање сите играчи, бидејќи има неколку кошаркари кои не беа дел од овој прв претквалификациски циклус, во кој остваривме максимален резултат. Факт е дека имаме нешто полесни противници во втората рунда, но тоа е само на хартија. Во кошарката одамна нема лесни натпревари и фаворити однапред. Пред нас се нови четири средби, а ние мора да одиме чекор по чекор. За разлика од овој циклус, во августовскиот ќе имаме помалку денови за подготовки. Но, доколку сме сите на број и го достигнеме вистинското ниво, верувам дека ќе имаме уште поголеми шанси да ја оствариме главната цел – пласман во квалификациите за следното Европско првенство“, изјави капитенот на Македонија.