Ужас пред мечот со Италија: Коронавирусот ја остави Македонија без - центри?!

Ептен лоши вести доаѓаат од Талин на неколку часа пред пресметката на кошаркарската репрезентација на Македонија со Италија (15 часот) од квалификациите за ЕП 2022, откако последното тестирање пред дуелот би можело да ги остави црвено-жолтите без комплетната центарска линија.

Позитивен наод на Ковид-19 има Љубомир Младеновски, кој дефинитивно нема да биде во составот во дуелот со „аѕурите“, додека виси настапот на Бојан Трајковски и Џејкоб Вајли, кои треба дополнително да бидат здравствено проверени.

„И покрај сите превземени мерки, спроведени пред почетокот на подготовките во Скопје, но и за време на престојот во главниот град на Естонија, ПЦР-тестирањето покажа присуство на вирусот кај еден наш кошаркар. Лекарскиот тим предводен од доктор Слободан Николиќ, пак, ги очекува здравствените наоди од дополнителните испитувања за другите двајца наши репрезентативци, чиј настап сега е доведен под знак прашалник“, велат од КФМ.

Ако се покаже дека Вајли и Трајковски нема да можат да играат заедно со сигурно отсутниот Младеновски, тоа ќе значи дека селекторот Александар Тодоров ќе остане само со двајца високи играчи, Филип Бакоч и Леонид Тодоровски, кои немаат никакво репрезентативно искуство зад себе.