Убедлив пораз на македонските јуниорки на стартот на ЕП во Б-дивизија

Македонската јуниорска репрезентација во кошарка беше поразена од Романија со 45-87 на стартот на Европското првенство (ЕП) во Б-дивизија.

Нашите млади кошаркарки на одличен начин го почнаа натпреварот и ја добија првата четвртина со 16-6, меѓутоа Романија во продолжение од мечот целосно ја презема контролата и на паузата замина со 37-27.

Романија го диктираше темпото и во второто полувреме, додека Македонија не успеа да одговори на нападите на противникот и на крајот загуби со 45-87.

Ања Начевска беше најефикасна во редовите на Македонија со 11 поени и 13 скокови, додека Колева имаше девет поени, два скока и две асистенции.

Македонија во второто коло, кое се игра утре од 17 часот, ќе се соочи против Германија.

Фото: КФМ