Талентите ги добија противниците: Кадетите ќе „војуваат“ со две големи велесили! (ФОТО)

Најталентираните македонски кошаркар(к)и и следното лето, традиционално, ќе настапат на Европските првенства и тоа во три категории во машка и две во женска, меѓу кои најмногу се очекува од кадетите, кои единствени ќе играат во дивизијата А против најсилните европски земји и тоа на домашен терен во Скопје.

Ждрепката не ги „милуваше“ премногу нашите најталентирани во моментов, со оглед што ги смести во група со три силни селекции, меѓу кои се кошаркарските велесили Шпанија и Италија. Тука е и секогаш незгодниот состав на Израел, против кого нашите момци ќе се обидат да дојдат до триумф времед подобар пласман пред осминафиналето.Во втората фаза, жолто-црвените ќе вкрстуваат со исто така тешка група во која се Литванија, Хрватска, Словенија и Данска.

Јуниорскиот состав на Македонија ќе игра во романскиот град Орадеа и тоа во група која би можеле да ја минеме, а во која се наоѓаат уште Косово, Шведска, Данска, Летонија и Белорусија. Младинците, пак, односно кошаркарите на возраст до 20 години својот европски настап ќе го имаат во грузиската престолнина Тбилиси и тоа во група со домашната селекција, Норвешка, Естонија и со Русија.

Девојчињата во кадетска конкуренција ќе играат во Сараево (БиХ) и тоа во група со Романија, Словачка, Полска, Ирска и Косово, додека јуниорките се најдоа во група со Естонија, Шведска, Бугарија и Хрватска.

Сите освен кадетите ќе играат во второлигашката Б-дивизија.