Стефанов: Се надевам ќе ја оправдам довербата на селекторот

Македонската кошаркарска репрезентација по повеќе од една деценија во својот ростер повторно има играч со презимето Стефанов. 

Врбица Стефанов остави голем траг во македонската кошарка и важи за еден од најголемите наши играчи на сите времиња. Сега неговиот син Рубин е дел од сениорската репрезентација. 

Младиот 17-годишник доби повик од селекторот Драган Бајиќ откако голем дел од поискусните кошаркари го откажаа учеството на последните два натпревари од квалификациите за Светското првенство.

„За секој млад играч најголемиот сон е да биде дел од најсилната национална репрезентација на својата земја. Голема чест е што добив и повик, и што имам шанса да тренирам и да учам од најдобрите. Ова е големо искуство, мотив за понатаму. Ќе го дадам максимумот на секој тренинг, се надевам дека ќе ја оправдам довербата на селекторот Бајиќ, му благодарам за укажаната шанса“, рече Стефанов, кој игра во италијанскиот тим Канту.

 Кошаркарите вчера почнаа со подготовки за дуелите со Шпанија на гости на 1.јули и со Украина три дена подоцна во Скопје.