Срамен пораз за тимот на нашиот Димитријевиќ – замрзна на минус 34!
Ова е втор пораз за екипата за која од сезонава настапува и нашиот Ненад Димитријевиќ од почетокот на шампионатот, додека домаќинот продолжува со максимален учинок. Под водство на искусниот тренер Еторе Месина, миланскиот тим покажа слаба игра, недостојна за еден евролигаш и актуелен шампион на Италија. Во редовите на Армани, само Армани Брукс со 13 и Леонардо Болмаро со 10 поени постигнаа двоцифрени резултати, додека Андреас Фореи со 16 и Мајл Кејл со 15 поени беа најзаслужни за убедливата победа на одличниот Тренто.
Една од причините за ужасниот пораз на „манекените“ делумно е и отсуството на македонскиот репрезентативец, кој ја пропушти средбата поради повреда на прст на раката. Засега не е познато колку време Македонецот нема да биде во тимот од Милано. Поранешниот кошаркар, пак, на Партизан, Зек Ледеј, кој сега еден од лидерите на Армани, го заврши натпреварот со по осум поени и скокови.