Синот на Наумоски ќе мора да престане да биде Македонец ако сака да заигра за Италија!

Појавувањето на името на Михаил Наумоски, синот на најдобриот македонски кошаркар на 20. век, Петар Наумоски, на поширокиот список на селекторот на кадетската репрезентација на Италија ги вжешти страстите во кошаркарските кругови, особено што станува збор за голем талент кој поради ова одби да биде дел од селекцијата на Македонија која во моментов настапува на ЕП во Удине.

Талентот, кој минатата сезона ја почна во турски Галатасарај, а ја доигра во Вардар, не успеа да ја добие потребната исписница од Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) поради што не влезе во тимот на „аѕурите“ на истото првенство на кое играат и неговиот македонски соиграчи. Без тој документ, Наумоски јуниор никако не може да го промени кошаркарското државјанство според актите на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), а како што велат од Куќата на кошарката, не постои никаква можност тој да биде издаден, барем не додека е таму сегашното раководство предводено од Перо Антиќ и Тодор Гечевски.

„Ниту еден македонски кошаркар без разлика на возраст нема да добие дозвола од нас да настапува за друга репрезентација. Италија веќе беше одбиена, а таква ќе биде нашата реакција ако повторно побараат нешто слично за Михаил. И тој и сите останати имаат одлични услови за развој во Македонија, а ние не сме така голема и богата држава за лесно да се откажуваме од нашите таленти“, ни изјави спортскиот директор Гечевски.

Според досегашната практика и актуелните закони на ФИБА, единствениот начин за синот на Наумоски, но и било кој друг да ја промени матичната репрезентација е да се откаже од македонското државјанство. Тоа значи враќање на пасошот и прифаќање статус на странец во државата во која е роден. Таков беше примерот со Кристијан Николов, кој пред пет години имаше слично барање за исписница од КФСМ, но не со цел да игра за друга репрезентација туку за да ги исполни турските услови и да заигра за подмладокот на Галатасарај.

Тогаш тој не го доби бараниот документ, но се откажа од нашиот пасош па продолжи да игра со турското кошаркарско државјанство. Пред неколку месеци, тој си го врати статусот Македонец и бидејќи не заиграл во меѓувреме за друга репрезентација, ја задржа и можноста пак да игра за Македонија. Ако Наумоски јуниор тргне по неговиот пат и се откаже од сите македонски документи и потоа заигра за Италија, тој ќе го загуби правото да игра за жолто-црвените, а со тоа и да се го врати македонското државјанство како што направи Николов.

Останува да се види дали доскорешниот претседател на КФСМ ќе дозволи неговиот син во целост да „избрише“ сѐ што е македонско само за да заигра за италијанската репрезентација, под претпоставка луѓето во Куќата на кошарката да останат на ставот да не му издадат исписница. Сето ова важи и за Дино Боцевски, кој е син на поранешниот репрезентативен центар Душко, кој наместо за Македонија избра да настапува за Србија.