Штета за браќата Стојановски - заслужија уште едно ЕП како круна на кариерите!

Фактот што кошаркарската репрезентација на Македонија не се пласира на Европското првенство (ЕП) 2022 година најтешко ќе им падне на највозрасните во националниот тим, а пред сѐ на единствените преостанати „литванци“, Војдан и Дамјан Стојановски, кои заслужија од најдрагоцениот дрес да се збогуваат со уште еден настап на собирот на најдобрите на Стариот континент.

Браќата-близнаци беа дел од жолто-црвената селекција што пред десет години направи чудо на континенталното првенство во Литванија, каде што заврши на четвртото место, какво што, за жал, не се чуди изминативе денови во Перм. Тие се родени 1987 година, што значи дека дури и да продолжат да играат за националниот тим, што е тешко за верување со оглед на најавеното драстично подмладување, на првото следно ЕП на кое би можела да игра Македонија би имале по 38 години. Реално е да се очекува да им помогнат на помладите во натпреварите за евентуален пласман на СП 2023, претквалификации и со надеж и квалификации, а потоа да се збогуваат со дресот со национални обележја.

Меѓу тие за кои дефинитивно е завршен сонот за настап на нов собир на европската елита се и Бојан Трајковски (роден 1986 година), Бојан Крстевски (1989 година), како и за Марко Симоновски (1989 година), кој поради повреда ги пропушти средбите во Русија.

Војдан и Дамјан Стојановски беа дел од репрезентацијата на Македонија на последните четири учества на европските првенства (2009, 2011, 2013 и 2015 година), но, за жал, денеска им побегна можноста да обезбедат петти јубилеен настап на елитната европска сцена.