Македонската кошаркарска репрезентација со очекуван пораз го почна настапот во квалификациите за СП 2023, откако вечерва, во салата „Јане Сандански“, загубија од актуелниот светски првак Шпанија (65-94).

Гостите иако играа со третиот состав, поради отсуството на играчите од НБА и од Евролигата, сепак, рутински дојдоа до бодовите, во меч во кој покажаа модерна и брза кошарка со „илјадници“ опции во нападот. „Фуријата“ најсилно дуваше во третиот период, во кој со серија 29-7 дојдоа до највисоките плус 33 (70-37), кои беше потврда на големата разлика во квлаитетот на двете селекции.

Жолто-црвените и покрај поразот не треба да бидат премногу разочарани, со оглед што беа речиси рамноправен противник во целото прво полувреме, а кон крајот на третата и почетокот на четвртата четвртина постигнаа дури 15 поени по ред. На тоа треба да се додаде и настапот на 17-годишниот Теодор Симиќ, кој на голема сцена потврди дека е најблескавиот талент со кој располагаме во моментов. Иако сѐ уште малолетен, покажа голема храброст во дуелите со и двојно повозрасните ривали и најави дека ќе биде предводник за една далеку посветла иднина за македонската кошарка.

Доказ на сето ова е и фактот што тој беше најпрецизен во нашата репрезентација со 18 поени за 16 минути поминати на паркетот. Двоцифрен поентерски ефект имаше уште и Џејкоб Вајли, додека Адем Мекиќ и Дамјан Робев со по девет поени ја завршија средбата. Јанкуба Сима, пак, беше најефикасен кај Шпанците со 17 поени.

Македонските кошаркари вториот меч од ноемврискиот циклус ќе го одиграат в понеделник на гости кај Украина, која попладнево загуби од Грузија (83-88). Пласман во следната фаза ќе обезбедат трите најдобри селекции од групата.