Шортс: Веднаш ја засакав Македонија, едвај чекам пак да дојдам!

Фантастичен на паркетот, ептен скромен надвор од него, тоа е Ти-Џеј Шортс, најновиот Американец со македонски пасош, кој беше херој во вечерашната исклучително значајна победа на домашен терен против Данска (74-71).

Тој средбата ја заврши со 33 поени, а ги погоди клучните пет слободни фрлања во продолжението со кои го скршивме отпорот на жилавиот противник. Убиствено прецизниот плејмејкер призна дека веднаш ја засакал својата нова држава и порача дека едвај чека повторно да се врати.

„Честитки за Данците за одличниот натпревар. Се боревме до крај, горд сум на сите во тимот, а и јас одиграв навистина добро. Фантастичната публика ни даде крилја кога беше најпотребно. Луѓето тука се одлични, сите ме третираа одлично, се чувстував како дома. Среќен сум што заиграв за Македонија, брзо ја засакав и едвај го чекам следниот натпревар“, изјави Шортс.

Македонскиот Американец првата следна можност да го облече жолто-црвениот дрес ќе ја има следниот февруари, кога против Словачка и Норвешка на гости го завршуваме настапот во претквалификациите за ЕП 2025.