Поранешен кошаркар на Соколи ни го направи гостувањето во Украина уште потешко!

Репрезентацијата на Грузија прва со два бода го почна настапот во групата Г од квалификациите за СП 2023 во која е и Македонија, откако попладнево, на домашен терен, по голема борба ја совлада Украина (88-83).

Со овој триумф, Грузијците дополнителни им го отежнаа понеделничкото гостување во Киев на избраниците на селекторот Драган Бајиќ, со оглед што сега против себе ќе имаат „ранет лав“, кој ќе нема право на грешка ако сака пласман во следната фаза од мундијалските квалификации. Најзаслужен за триумфот на домашната селекција денеска во Тбилиси беше поранешниот кошаркар на Карпош Соколи, Тадеус Мекфејден, кој средбата ја заврши со 27 поени од кои 20 постигна во првото полувреме.

Македонија својот прв меч ќе го одигра исто така вечерва и тоа на домашен терен против најголемиот фаворит во групата, селекцијата на Шпанија. Натпреварот ќе се одигра во салата „Јане Сандански“ (19.30 часот) со максимално присуство на половина од вкупниот капацитет на салата поради протоколите за заштита од коронавирусот. Средбата ќе биде директно пренесувана на телевизијата Спортклуб 2.