Перо Антиќ: Погрешив што толку рано се откажав од Македонија!

Најтрофејниот македонски кошаркар на сите времиња, Перо Антиќ, засилено работи на терен како дел од кампањата за претседателската функција во МКФ, нешто што неодамна го најави, а во склоп на што се и честите појавувања во медиумите каде што освен што раскажува за што ќе се залага, се навраќа и на работи од минатото.

Така беше и на синоќешното гостување во емисијата „Лица“ кај Анета Кочишки, во која се наврати на времето по Европското првенство (ЕП) 2013 година во Словенија кога ја шокира јавноста со соопштувањето дека заминува во репрезентативна пензија иако во тој момент имаше 31 година. Дуелите на овој континентален собир, на кој Македонија не ја мина првата фаза иако настапи речиси со истиот состав кој две години претходно беше четврти во Европа, беа последни за него во жолто-црвениот дрес.

Од денешна гледна точка, шест години подоцна, Антиќ смета дека донел погрешна, односно импулсивна одлука понесен од емоциите.

„Сѐ се собра во тој период во Словенија, пред сѐ разочараност од лошиот пласман и јас веќе на првото следно интервју кажав дека се повлекувам од националниот тим. Ваквата одлука сега ја сметам за погрешна, но нема враќање. Гледам да научам од минатото, да не избрзувам во одлуките, нешто што претходно многу често ми се случувало“, изјави Антиќ.

Тој потенцира дека во тој период се собрале и многу други работи, пред сѐ доаѓањето на власт на сегашното раководство на МКФ, односно на Петар Наумоски со кого од старт не е во добри односи и дека во ниту еден момент не добил вистинска и искрена покана да ја прекине пензијата и да се врати во репрезентацијата.

„Во тој период размислував дека е добро навреме да се тргнам за помладите да добијат шанса и да можат да се продадат на кошаркарскиот пазар. Потоа дојдоа други работи, нови луѓе, па знаев дека и да се вратам со тоа сигурно ќе биде нарушена хемијата бидејќи за секоја најмала грешка ќе се знаеше кон кого ќе се насочеше прстот во потрагата за виновникот“, дополни Антиќ.

Целото интервју на тројниот европски шампион со Олимпијакос (двапати) и Фенербахче може да го проследите на следниот линк.