Норвежаните „удрија“ по КФМ: Нѐ сместија во зачадено казино, играме во очајна сала!

Членовите на норвешката кошаркарска репрезентација, која вечерва ќе ги одмери силите со Македонија во претквалификациите за ЕП 2025, изразија многу лоши зборови за организацијата на престојот во нашата држава, особено за изборот на хотелот и на салата каде што ќе се одигра натпреварот.

Причина за вакво нешто е тоа што Норвежаните биле сместени во казино-хотел, во кој морале да минат низ зачадена просторија за да дојдат до местото каде што јадат. Противникот исто така се жали на изборот на Гевгелија и салата „26 април“, која е мала и истрошена.

„Гевгелија е град далеку од Скопје, речиси на самата граница со Грција, каде што сме сместени во хотел-казино во кој мора да минеме низ зачадена просторија во која има неколку стотици апарати за коцкање. Домаќинот реши да ја замени модерната арена 'Борис Трајковски' во Скопје со стар и истрошен спортски објект кој едвај прима 1.300 гледачи“, пишуваат Норвежаните на официјалната страница на федерацијата.

Арената „Борис Трајковски“ не беше во комбинација за средбите против Норвешка (вечерва) и против Данска (недела) поради ракометното ЕП за жени, додека нема објаснување зошто мечевите не се играат во СРЦ „Кале“, каде што во август ја пречекавме Словачка.